12 деца од Македонци кои живеат во Србија, деновиве во Охрид, го изучуваат мајчиниот јазик.

Станува збор за проект на Здружението на граѓани на македонското малцинство “ Кирил и Методиј” од Нови Сад,  насловен како “ Учиме македонски јазик за да не се заборави” .



Освен што го изучуваат јазикот, учесниците имаат можност да ги посетат културно- историските знаменитости на Охрид и да уживаат во природните убавини кои ги нуди градот.

– За жал македонскиот јазик во Србија не се изучува во училиштата, ниту пак е во службена употреба, па така многу од децата на Македонците кои живеат таму не го познаваат македонскиот јазик. За оваа цел го избравме Охрид, градот на духовноста и културата каде младите генерации на лице место, со помош на професор по македонски јазик, имаат можност да се запознаат со јазикот, вели Васка Чарговска, претседател на здружението “ Кирил и Методиј”.

“ Свесни сме дека за неколку дена не може да се совлада јазикот, но се надеваме дека ова ќе биде поттик за негово понатамошно целосно совладување” , додава Чарговска.

Дел од учесниците потврдија дека за прв пат го изучуваат македонскиот јазик, но сите едногласно потенцираа дека ќе продолжат да го негуваат, со цел што побрзо да го научат јазикот на своите родители. 

– Моите родители се од Берово и дома секој ден зборуваме на македонски јазик, односно беровски. Јас се обидувам да го научам јазикот, малку потешко ми оди затоа што повеќе разбирам од колку што зборувам, вели Стефанија Механџиска. 


  

Проектот се одржува по втор пат во Охрид и е финансиран од страна на македонското Министерство за надворешни работи.

Т. К.