Триесетина деца на иселеници од Македонија веќе три дена во Конгресниот центар во Охрид  ја посетуваат летната школа за македонски јазик. Петдневната школа што ја организира Агенцијата за иселеништво има за цел  преку релаксирана и ненаметлива програма да им овозможи на децата да ги совладаат основите на македонскиот литературен јазик, да ја научат азбуката, да читаат и пишуваат, и правилно да ги изговараат буквите.


Школата која за прв пат се организира оваа година ја посетуват деца на  возраст од 8 до 22 години, од европските земји и Канада. Меѓу нив е и осум и пол годишната Марија која е најмлад учесник. Таа живее во Германија, а во Охрид ги совладува буквите од азбуката која со мала помош веќе ја изговара напамет.


Марија

Некои од децата на иселениците  солидно го владеат македонскиот јазик, но имаат проблем со кирилското писмо и изговорот. Дваесет и две годишниот Митко живее во Хамбург Германија. Тој е студент. „Јас сум од Струмица по потекло и говорам со струмички дијалект, па затоа дојдов тука во Охрид да научам да зборувам литературно“, вели Митко.


Митко допатува од Хамбург во Охрид

Со  децата  работи тим наставници кој преку интерактивна настава ќе ги подучува за основите на македонскиот литературен јазик.„Акцентот ќе биде ставен на азбуката и изговорот“, ни изјави Искра Грачоска, наставник по македонски јазик.


Им ги пренесува основите на македонскиот јазик – Искра Грашоска

Покрај предавањата  децата на ислениците слушаат и народна музика. Во рацете држат испечатени текстови од песните за полесно да фатат ритам.  Предвидено е тие да ги посетат и културно историските знаменитости на Охрид, а покрај впечатоците со себе дома ќе ја понесат и литературата и прирачниците од кои учат, за да можат да го обновуваат стекнатото  знаање.




Освен превозот и котизација од 60 евра, кои се на товар на родителите,  останатите трошоци за летната школа за македонски јазик за децата на иселениците ги подмирува Агенцијата за иселеништво. „Веќе е изработен проект за наредната година за кога се предвидува школата да трае 7 дена. Се надеваме дека овие деца ќе ни дојдат и наредната година за да го надградат знаењето што сега го добиваат тука“, ни изјави Виолета Шендел од Агенцијата за ислеништво. Оттаму се надеваат дека  Охридската школа ќе стане традициона што ќе им овозможи на децата со македонско потекло во светот да не го заборават јазикот на своите предци.


Школата догодина ќе трае подолго – Виолета Шендел

Г. Момироски