Заврши Летната школа по македонски јазик, во чии рамки десеттина деца на наши иселеници во светот, во текот на изминатата седмица, се запознаваа и го изучуваа македонскиот јазик.

Станува збор за проект на Агенцијата за иселеништво, кој се реализира по трет пат. Основната цел на проектот е изучување на македонскиот јазик, негување на традицијата и зачувување на македонскиот идентитет.

Во рамки на Летната школа, децата на нашите иселеници преку настава што ја водеше обучен професор по македонски јазик, имааа можност да ги направат првите чекори во изучувањето на јазикот. Знаеме дека за една седмица не може да се научи јазикот, но секако Летната школа претставува поттик децата да продолжат со изучувањето на македонскиот јазик во средините каде живеат, потенцира раководителот за Секторот за унапредување на врски при Агенцијата за иселеништво, Билјана Костова.

Некои од децата кои ја посетуваа наставата имаа одредена основа во познавањето на јазикот. Имаше и такви кои немаа никакво предзнаење, односно првпат се соочуваа со јазикот на нивните родители.

Летната школа по македонски јазик преку комуникацијата и меѓусебно дружење, часови, настава во природа и запознавање со културното и историското богатство на Охрид и Македонија,  го буди интересот и желбата кај децата за учењето на јазикот на своите родители.

Ohridnews