Преставници од Грасрут програмата при Фудбалска федерација на Македонија (ФФМ), во чија ингеренција се Детските фудбалски лиги за млади категории, заедно со тренерите и родителите чии деца се натпреваруваат во Детската лига во југо-западниот регион, имаа успешен семинар во Хотелот „Unique“ во Охрид.

На големиот број родители и тренери кои се дел од Детската фудбалска лига најпрвин им се обрати Марио Ѓурчиновски. Тој ја објаснуваше релацијата родител-тренер-дете, која треба да биде улогата на родителите во спортот и на тренерот во животот на детето.

  • Тоа е круг кој јас ќе го наречам магичен. Детето секогаш мора да биде помеѓу родителот и тренерот. Не секое дете ќе стане добар и професионален фудбалер, но секое дете кое тренира фудбал или игра друг спорт секогаш ќе биде подобро, поведро и порасположено од останатото кое слободното време го поминуваа на компјутер или сега во најново време со телефон или таблетот в рака и на кревет. – истакна во обраќањето Ѓурчиновски.

Околу здравјето и начинот на исхрана зборуваше професорот Ванчо Поп Петрески, кој низ многу примери објаснуваше за значењето на исхраната во спортот. На родителите им даде многу совети во внесувањето на корисни намирници кои дечињата не сакаат да ги видат, а не да ги пробаат.

Од ФФМ најавија повеќе вакви средби и семинари, се` со цел да се подигне нивото на спортска култура кај чинителите кои директно влијаат на дечињата и нивниот развој во спортот.

Мх.П.