Во рамките на манифестацијата „Велес – Град на културата 2015“ на сцената на новиот објект на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес синоќа гостуваше ансамблот на Охридскиот театар со претставата „Детектор на лаги“ според делото на Василиј Сигерев, а во режија на младиот режисер Ненад Витанов, објави „МИА“.
Бројната театарска публика со воодушевување и со голем аплауз ја награди успешната изведба на актерите: Никола Тодоровски, Јасмина Билаловиќ и Стрезо Стаматовски.
По претставата во изјава за медиумите, актерката Јасмина Билаловиќ рече дека е одушевена од велешката публика, што покажува дека градот има долга театарска традиција.
– Многу благородно за секој актер е да игра пред ваква публика која знае да реагира и на оние суптилни нијанси покрај оној очигледен хумор и затоа голема благодарност до велешката публика, потенцира актерката Билаловиќ.
Во изјавата за медиумите велешкиот режисер Ненад Витанов појаснува дека секој од нас сака да има детектор на лаги, за да ја знаеме скриената страна на партнерот, на пријателот, а на непријателот да му ја знаеме тајната страна.
За манифестацијата „Велес – Град на културата“, што ја финансира Министерството за култура во соработка со општина Велес, Витанов вели дека тој и неговите колеги културни работници и уметници од сите области со голема радост ја прифатиле и ја поддржуваат оваа манифестација.
– Освен театар во рамките на манифестацијата се случуваат и концерти, промоции на книги и публиката веќе докажа дека ваква манифестација ни треба. Велешани сакаат да проследат културен настан, а Велес отсекогаш бил и ќе биде средиште на културните збиднувања во земјава, потенцира Витанов.
Во рамките на манифестацијата „Велес – Град на културата 2015“ на сцената на новиот објект на велешкиот театар вечерва ќе гостува Штипскиот театар со претставата „Лулка“ во режија на Андреј Цветановски.
OhridNews
Извор: МИА