Австралија соопшти дека детектирала сигнали од црната кутија на исчезнатиот авион на Malaysia Airlines со специјална опрема на еден австралиски брод, што претставува до сега најблиска трага за пронаоѓање на авионот на летот MH370.

„Очигледно е дека ова е трага што ветува”, изјавил во Перт Ангус Хјустон, шеф на австралиската агенција што ја координира потрагата. Хјустон рекол дека се детектирани два сигнали северозападно од австралискиот брег. Првиот сигнал траел два ипол часа, а потоа бродот го изгубил контактот. Откако го сменил правецот, бродот фатил сигнал што траел од 13 минути.

„Во таа прилика се слушнаа два „пинга”. Тоа е во склад со трансмисијата од снимачите на податоци и снимачите на гласови во кабината”, рекол Хјустон. Тој додал дека експертите во наредните неколку денови ќе утврдат дали станува збор за сигнал од авионот што исчезна со 239 патници и членови на екипажот, на 8 март.

Црната кутија, за која се верува дека е на дното на Индискиот океан, е опремена со локатор кој емитува сигнал, но неговите батерии наскоро ќе се потрошат. Австралискиот брод го детектирал сигналот на оддалеченост од околу 500 километри од местото на кое кинескиот патролен брод , исто така, фати сигнал со иста фреквенција.

OhridNews

извор: Макфакс