Австралиската служба детектирала два нови сигнали во потрагата по исчезнатиот авион на Malaysia Airlines. Тие велат дека можеби станува збор за сигнали од црната кутија на авионот што дава нова надеж за пронаоѓање на остатоците од авионот, три дена откако без детектирани првите сигнали. Сигналите биле детектирани во зоната што ја пребарува брод на американската морнарица опремен со специјален електронски апарат.
Шефот на австралиската служба за координација на потрагата, Ангус Хјустон, рекол дека е оптимист и смета дека авионот наскоро ќе биде пронајден, но напоменал дека е потребно да се пребара огромно подрачје од Индискиот океан.
„Верувам дека трагаме на вистинско место, но потребно е визуелно да ги идентификуваме остатоците пред да можеме да го потврдиме местото на кое се наоѓа MH370“, рекол Хјустон.
Црната кутија, која бележи податоци од кокпитот, би можела да даде одговор на прашањето што се случило со авионот кој превезувал 227 патници и 12 членови на екипажот од Куала Лумпур до Пекинг и кој исчезна на 8 март. Батериите во црната кутија веќе се на крајот на нивниот 30-дневен рок. Првите сигнали за кои се верува дека доаѓаат од црната кутија беа детектирани во неделата.
OhridNews
извор: Макфакс