Малолетник починал синоќа откако бил нападнат од куче што го чувал неговиот сосед во скопската населба Пинтија.
Од ГОБ „Св.Наум Охридски“ на 11.04.2023 во 18:25 часот било пријавено дека кај нив бил донесен малолетник од Скопје, кој според пријавеното подлегнал на повредите како последица од напад од куче, сопственост на неговиот сосед Н.Г.. Известен е јавен обвинител по чија наредба телото е предадено за обдукција и се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопшти МВР.
Како што пренесуваат скопските медиуми, до трагичниот настан дошло кога детето влегло во дворот на соседите каде што имало домашно куче од расата англиски бул мастиф кое го нападнало нанесувајќи му тешки рани во пределот на главата и вратот. На пат кон болница детето искрварило, а лекарите и покрај сите напори не успеале да му го спасат животот.
Сопственикот на кучето бил повикан на информативен разговор.
Г.М.