Започнувајќи со производство на овошје од сопствени насади во охридско Климештани, семејството Димитриески успешно го проширува својот бизнис чија успешна приказна сега е и дестилеријата „Царева“ за производство на ракија која нижи награди на саемите каде што до сега е презентирана.

Семејната традиција започнала од поодамна, а грижливо  ја чуваат и развиваат неколку генерации. Тајната за производство на добра ракија се крие во стариот рецепт, сопственото производство и новите иновации. Се заедно, дополнето со одличните климатски услови на нашето поднебје дава производ со врвен квалитет со македонска ознака.

Традиција што не запира

Семејството Димитриески започнува со основање земјоделско стопанство во 2014 година, со засадување на лозови насади, сливи и јаболка и производство на овошје. Но, во основа приказната има далеку подолга историја.

Мојата фамилија со земјоделие се занимава од многу одамна.  А во 2014 година формиравме земјоделско стопанство, имаме лозови насади, сливи и јаболка кои претходно ги работевме и препродававме како суровини и овошје. Минатата 2023 година дојдов до идеја да се финализираат тие производи во краен производ. Цената на овошјето е ниска, некогаш нема ни откуп и така се роди идејата да создаваме свој производ. Долга е традицијата на производство на ракија во нашата фамилија. Дестилација правел уште прадедо ми со стар казан, не во големи количини, колку за своја душа. Произведувале и ракија и вино, вели Стефан Димитриески, основач на дестилерија „Царева“.

Името на дестилеријата „Царева“

Дестилеријата го носи името на мојата прабаба, вели Стефан. Царева била најстарата домаќинка во фамилијата каде живееле тројцата браќа со своите жени. Таа неможела да има деца, но се грижела и придонесувала за фамилијата како да има свои деца. Во нејзина чест е и крстена дестилеријата.

Ракијата се произведува на традиционален начин по стар рецепт

Имаме насади во Климештани од сливи, над 1500 корени, грозје, јаболка. Произведуваме шест видови бела и жолта ракија: од сливи, грозје и јаболка. Белите ракии се по околу 50 степени, додека жолтите се од 40 до 42 степени. Главниот рецепт за производство на ракија е стар рецепт останат од времето кога истата ја произведувале најстарите членови во семејството, но имаме внесено иновации. Одиме на саеми, предавања, изложби и учиме, се унапредуваме. Ракијата ја произведуваме на традиционален начин со казан, но и по најнови стандарди.

Ракиите ја носат ознаката „произведено во Македонија“ што само по себе значи дека е произведено тука кај нас и на традиционален начин, додава нашиот соговорник.

Кај нас сите ракии се произведени од сопствени насади. Целиот процес на производство од засадување, одгледување, преработување, па се до крајниот производ е наш.

Во Охрид ракијата од дестилеријата „Царева“ може да се конзумира во неколку угостителски објекти

Во неколку кафетерии и ресторани во градот може да се проба ракијата која се произведува во дестилерија „Царева“.

Не сакаме многу да се шириме, сакаме да го задржиме квалитетот. Имаме ограничена количина на производство, 2,5 тона годишно. Сакаме тој капацитет да има максимален квалитет и истиот да се продаде. Освен во угостителските објекти се продава и на физички лица, како и преку онлјан продажба.

Недоамна беше одржана и промоција на различните видови и вкусови ракија произведени во дестилеријата „Царева“.

Тоа беше одлична можност присутните да ги вкусат ракиите и да ја дознаат целосно приказната и начинот на производство на ракиите. Секое овошје се преработува на посебен начин. Сливата бидејќи се откостува пред да влезе во процесот на производство е поскапа и дава 10% ракија од вкупната количина на овошје со јачина од 40 до 50 степени. Кај грозјето излегува 20% ракија, додека кај јаболкото од 7 до 8%. Во однос на цената јаболковата е најевтина зошто суровината е најевтина.

Сјајни одличја за ракиите „Царева“

Посебно внимание привлекува ракијата од јаболка, бидејќи се работи за релативно нов вкус во таква форма на ова поднебје, за разлика од лозовата која, кај нас најмногу се конзумира, посочува Димитриески.

Доста е барана ракијата од јаболко. Луѓето тука се навикнати само на лозова ракија. Но, задоволни беа од јаболковата, како и од ракијата од слива. Имаме добиено златен медал за лозовата, сребрен за ракијата од слива и бронзен за јаболковата ракија на Меѓународниот натпревар во Кавадарци.

Конкуренција има, но важен е квалитетот

Конкуренција има кога е во прашање произвоството на ракија во нашата земја, но нема доволен квалитет, вели Стефан, додавајќи дека луѓето се научени на тоа што се нуди.

Ние нудиме далеку поголем квалитет од другите големи индустриски компании кои произведуваат големи количини и не се обрнува доволно внимание на производот, колку што може да се посвети ако имате помали количини. Има две-три дестилерии во Охридско-струшкиот регион. Се зависи од тоа кој колку е посветен на одржување на квалиетот и следењето на иновациите. Најбитно е да се искористи правиот алкохол, етил алкохол, за да има голем квалитет. Има методи кои треба да се запазат, на што ние обрнуваме посебно внимание, како е кај другите дестилерии незнам.

Нови насади и нови вкусови на ракија и ликери

Во иднина вели, планираат да засадат нови насади со кои ќе го задржат квалитетот и ќе ја зголемат конкурентноста.

Од нас зависи на овој начин и квалитетот и цената со која можеме да бидеме конкурентни на пазарот, бидејќи не купуваме суровини. Затоа и имаме пониска цена за разлика од цената на вака произведена ракија која ја има на пазарите во соседството. Нашата цена е складна со пазарот. Во иднина планираме да се префрлиме во мала дестилерија до четири тона, па понатаму и во поголема. Полека да се прошируваме, но најбитното да го задржиме квалитетот. Планираме да отвориме и фамилијарна винарија, го проучуваме пазарот и начинот на производство со сите новини во денешно време.

Предизвик ќе биде и производството на ракија од дуња, а веќе се произведуваат мали колични ракија од вишна со одличен вкус. Вишната ќе се користи и за  производство на ликери.

Развој на селски туризам

Нашето подрачје, вели Стефан, изобилува со природни богатства, но и одлични климатски услови. Спојот на едното и другото, со желбата за развој на фамилијарен бизнис може да се насочи и кон селски туризам.

Гледаме какви се законските регулативи да можеме да се насочиме и кон развој на селскиот туризам со што ќе им се понуди на туристите дегустација на ракија во комбинација со домашно произведено сирење од страна на членови на нашата фамилија. Целокупното природно богатство, планината, реката, насадите и традиционалниот начин на производство на ракија и козјото сирење, се како еден пакет. Да го согледаат туристите целиот производствен процес на македонските производи.

За крај, апелира да се конзумираат македонските производи бидејќи, како што посочува, имаме и добри и квалитетни производи.

Н.С.Ј.