Во интервју за Канал 5, синоќа, министерката за правда Рената Дескоска објасни дека според Уставот, изборите мора да се одржат дваесет и два дена по завршувањето на вонредната состојба.

Според министерката Дескоска, изборните дејствија се веќе започнати од страна на институциите, значи се преземени чекори за подготовка на изборите – истите се паузирани поради вонредната состојба, а продолжуваат онаму каде што застанале веднаш по завршувањето на вонредната состојба.

Уредбата беше со цел да запрат изборните дејствија коишто беа почнати во времето кога веќе се прогласи вонредна состојба. Сите се сеќавате дека имаше прва лидерска средба на која се даде задача на експертите да размислуваат и да разговаат околу можностите за прекинување на изборните дејствија. Со оглед на тоа што не се свика Собранието… единствено можно правно решение за прекин на изборните дејстивја е носењето на оваа уредба – што значи прекинување на тие дејствија коишто беа преземени, нивна правна валидност, а потоа по завршување на вонредната состојба тие ќе продолжат. – истакна министерката Дескоска.

Министерката истакна дека истото е прифатено и усвоено во заклучокот на Државната изборна комисија, потпишан од претседателот Дерковски, во којшто се вели дека „по завршувањето на вонредната состојба, ДИК ќе донесе ревидиран роковник во којшто ќе бидат предвидени оние дејствија коишто не биле преземени пред прогласувањето на вонредната состојба.“

Мојата порака е: Лидерите може да разговараат за одредени рокови или термини за избори, но тие термини мора да бидат во рамките на Уставот, со почитување на уставните одредби, бидејќи никој, ниту волјата на лидерите не смее да се стави над Уставот на нашата држава. Ако не се продолжи вонредната состојба, во тој случај изборите неминово паѓаат дваесет и два ден по завршувањето на вонредната состојба. -речеа Дескоска.

Според Дескоска, лидерите на политичките партии мора да бидат свесни дека во процесот на договарање на датум за избори, тие треба да ја земат предвид и волјата на претседателот да прогласи повторно вонредна состојба ако не се оди сега на избори, заради тоа што секој договор мора да биде во рамки на Уставот.

OhridNews