Од утре до 28 јули во Трпејца во организација на Здружението „За Трпејца со љубов“ ќе се оджи десеттото Културно – забавно лето „На зајдисонце“.

Летото се очекува да го прогласи за отворено Ристе Николески, заменик градоначалник на Општина Охрид која е покровител на манифестацијата сите овие години. Манифестацијата по втор пат е поддржана од Делегацијата на Европската Унија во Скопје како и од други бројни спонзори и помагатели.

Во чест на десет годишнината ќе биде прикажан и видео материјал под наслов „Ние на зајдисонце“. Вечерта ќе биде заокружена со концерт на познатите „Силви Бенд“.

Следните седум дена трпејчани и гостите ги очекуваат средбите со Нуркачкиот центар „Амфора“ од Охрид, со авторите на Рибарскиот алманах проф. д- р Теон Џинго, доц. д-р Никола Митровиќ – Бабе и презентерот Славчо Новески, како и настанот работно насловен: Еден поглед на Трпејца од ономастички аспект со проф. д-р Мери Јосифовска.

Десеттото „На зајдисонце“ се вклучува во одбележувањето на 100 годишнината од раѓањето на големиот Блаже Конески со вечер насловена: „Поезијо чувствата ми ги будиш“ на која со избор од поезија од Конески и од други домашни светски поети ќе настапат: Марија Кондовска, Симон Јаковлев – Писин и музичарот Лео Спасески – Охридски (синтисајзер).

На листата на учесници се и младите Христијана Матеска – хармоника и Марија Џуклеска – виолина. Тие ќе настапат на Вечерната променада наречена „Со кајче по езерото“ а во Трпејца свои концерти ќе одржат дуо BLACK MOON , бендот БРОЗ, Градскиот хор „Вокс Лихнидос“, ансамблот БИЛЈАНА и пејачката група и оркестар од ФА БИСЕРИ од Охрид.

Од културните настани во рамките на летото се и традиционалната изложба на дела од Ликовната колонија „Трпејца 2020“ и настанот „Цртаме на зајдионце“.

Во рекреативниот дел се традиционалната кајакарска регата „Номче Митрески“ и Малиот пливачки маратон помогнати од Асоцијацијата СПОРТ ЗА СИТЕ и традиционалната прошетка по патеката Чоколско.

Организаторите си посакуваат само многу публика и ведро време бидејќи сите настани се под отворено небо и бесплатни за си сите. Вечерните настани започнуваат од 20 и 30 часот.

OhridNews