Во пожар што избувнал ноќеска околу 3 часот во дискотеката “Пулс” во Кочани каде се одржувал концерт на “ДНК”, животот го загубиле десеттици млади лица.
Дел од медиумите пренесуваат дека во пожарот има најмалку 30 мртви, а според други извори бројот на загинати е околу педесет, а повредени се над 100 лица.
Причина за пожарот според првичните, неофицијални информации била употреба на пиротехнички средства. Порталотт “Мкд.мк” објави кратко видео каде се гледа како избувнува пожарот.
Сите надлежни служби, вклучително и јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани се на терен. Бројот на жртви и повредени во пожарот се утврдува. Се уште се преземаат дејствија и се врши увид.
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, како и основните јавни обвинители на ОЈО Скопје и на ОЈОГОКК се на пат кон Кочани. На кочанското обвинителство ќе му бидат ставени на располагање сите капацитети на обвинителствата за итно постапување, соопшти Јавното обвинителство.
На местото на трагедијата се бројни противпожарни и медицински екипи од повеќе градови. Во Кочани се министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, директорот на ЦУК Стојанче Ангелов и директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, се очекува пристигнувањето и на премиерот Христијан Мицкоски.
Г.М.