Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ по рекорден, десетти пат, триумфираше на Отвореното првенство на Австралија. Во финалето на првиот грен слем турнир во 2023 во Мелбурн, Ѓоковиќ го совлада Гркот Стефанос Циципас со 3:0 ( 3:6, 6:7 – 4/7, 6:7 – 5/7).

Србинот не можеше да ги запре емоциите по завршување на мечот и во солзи се сруши на трибините по прегратката на неговиот тим. За  Ѓоковиќ ова е 22 грен слем титула во кариерата, со што тој се израмни на вечната листа со Рафаел Надал.

Победата на Новак има дополнителна тежина имајќи предвид низ што се тој помина минатата година во Австралија кога не само што не му беше дозволен настап во Мелбурн, туку се најде и во притвор заради прекршување на ковид протоколите на државата.

Честитки Новак за победата. Бројките говорат се. Тој е еден од најголемите во нашиот спорт. Ти благодарам што го подигна спортот на ова ниво, а тоа секој играч го тера да го подигне нивото на игра и да работи посилно. –  истакна по мечот Стефанос Циципас.

Десеткратниот победник во Мелбурн, Новак Ѓоковиќ, упати силна порака до младите тенисери.

Јас и Стефанос доаѓаме од две мали земји, кои немаат голема тениска традиција, затоа сакам да упатам порака до младите тенисери кои сега не гледаат, доколку сакате да бидете тука каде што сме ние, не престанувајте да сонувате и не откажувајте се од вашите соништа, затоа што се што се сака може да се оствари. – истакна шампионот Ѓоковиќ.

 

Г. Момироски