Десетмина од вкупно 20-мината уапсени за петкратното убиство кај Смилковското Езеро по 48-часовен притвор се пуштени на слобода.

Според адвокатот на дел од осомничените, Насер Рауфи  уапсените биле пуштени од притвор бидејќи сите биле роднини на осомничените и имале законско право да не сведочат против нивните роднини.

Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска  изјави дека лицата не се товарат за кривично дело „тероризам“ .

„По однос на на овие лица ние практично направивме одредени проверки, нашите сомневања одеа во насока за евентуална нивна поврзаност со сторителите и нивните поддржувачи. Значи од самиот почеток на истрагата ние имавме едни прелиминирани согледувања за бројот на сторителите што понатаму се потврдија како точни до овој момент до кој сме дојдени со истрагата. Несомнено за да се изврши терористички акт, за да се изврши кривично дело со толку тешки последици се претпоставува дека тие лица кои се непосредни директни учесници во терористичкиот акт имале одредени конекции, поддршка, логистика. Токму заради тоа беше потребно да се направат повеќе анализи да се извршат разговори со повеќе лица и да се направат проверки кои целосно ќе ја расветлат оваа ситуација“ рече Јанкулоска.

Против десетмината ослободени МВР поднесе посебен извештај и побара краткорочен притвор затоа што изрази сомнежи дека помагале во вршење тероризам.

Во акцијата беа приведени вкупно 20 лица, меѓу кои петмина се осомничени дека се директни извршители на масакрот. Двајца од осомничените за убиство се во бегство, и по нив трага Интерпол. Нна помагачите и на еден кој е осомничен за директно извршување на убиството им е одреден 30-дневен притвор кој ќе го издржуваат во Битола. Четворица се осомничени за нелегално поседување на оружје и им е одреден 30 дневен притвор кој ќе го издржуваат во Прилеп.

Шеесетгодишната жена од кумановско Отља кај која беше најдено голмо количество на оружје е пуштена да се брани од слобода со тоа што судијата и го одзел пасошот и ја задолжил да се јавува во судот.

OhridNews
Извор: „Макфакс“