Брзото топење на арктичкиот мраз натерало десетици илјади пацифички моржеви да се најдат на брегот на Алјаска, известиле американските научници. Моржевите ги користат ледените платформи на Арктикот за да ги избегнат морските непријатели и да ги заштитат младите, а со топењето на мразот во се поголем број се селат на бреговите. Една од разликите помеѓу оваа и претходните миграции е во огромниот број животни кои пристигнале на брегот.
Научниците проценуваат дека изминатиот викенд на брегот во близина на местото Поинт Леј околу 1130 километри северно од Анхорејџ пристинале околу 35 илјади моржеви. Најголемата причина за загриженоста е поврзана со зголемениот морталитет кај младите единки од овој вид. Исто така опасност претставуваат и можните стампеда на овие животни кои тежат и повеќе од еден тон. Популацијата на пацифичките моржеви се проценува на 200 до 250 илјади животни.