Синот на починатиот Стив Ирвин тргнал по стапките на својот татко и ќе има своја емисија за природата. Роберт Ирвин (10) ќе ја води емисијата ‘Wild But True’ која од почетокот на наредната година ќе се прикажува на програмата Discovery Kids. Момчето во емисијата ќе истражува како природата била инспирација за новата технологија. Истата тема ја обработил и Ричард Хамонд (44) во серијалот Чуда на природата, но неговата публика биле возрасни гледачи. Сепак од Дискавери велат дека не забележале сличност со шоуто на Хамонд.

-Тоа е навистина забавно шоу и зборува за тоа како науката ја имитира природата – рекол Роберт додека ја претставувал својата емисија со змија околу вратот.

Љубовта кон животните и природата Роберт ја наследил од своите родители. Неговиот татко Стив, познат и како “Ловецот на крокодили“, беше омилен водител на емисии за животни и природа. Почина во 2006 година кога беше убиен од ража, додека снимаше документарна емисија.