Никнувањето на првите млечни заби претставува еден од најзначајните периоди од развојот на бебето и затоа треба да се посвети многу внимание.
Млечните заби се појавуваат во период меѓу 4-от и 12-от месец по раѓањето, па неопходно е да се провери да не случајно се работи за творби кои личат на заби, дали се лабаво прицврстени и можат да бидат опасност за голтање или задушување. Ако млечните заби не се појават по првата година постои опасност од вродени неправилности во бројот на забите или недостаток на истите.
Еве неколку најважни правила поврзани со адекватен развој и нега на млечните заби.
1.МЛЕЧНИТЕ ЗАБИ СЕ ВАЖНИ
Многу е погрешно и нестручно мислењето дека млечните заби не се важни и дека не треба на нив да им посветиме внимание.
– Млечните заби се пред се важни за правилна исхрана
– Млечните заби се важни за развој на вилиците
– Млечните заби се важни за развој и никнување на сталните заби
– Не смее да се испушти дека тие се важни и за правилен равој на говорот
2.ЗАБОЛУВАЊАТА НА МЛЕЧНИТЕ ЗАБИ СЕ ИНФЕКТИВНИ
Заштитата на забите започнува уште во периодот на никнување. Тогаш на нивната површина се населуваат бактерии кои предизвикуваат оштетување на забот. Бактериите најчесто доаѓаат од мајката бидејки. Затоа мајката треба да има здрави и зачувани заби и редовно да одржува хигиена.
3.МЛЕЧНИТЕ ЗАБИ БРЗО СЕ РАСИПУВААТ И ТОА НЕ САМО ОД СЛАТКО
Покрај забните бактерии, најзначаен фактор за расипување на млечните заби се и честите оброци. За забите најнеповолен е ноќниот оброк било да е со шише или доење. Најдобро е преку ноќ детето да пие вода и да не му се дава сок во шише.
4.МЛЕЧНИТЕ ЗАБИ ТРЕБА ДА СЕ НЕГУВААТ ВЕДНАШ ПО НИКНУВАЊЕТО
Голема грешка е да се запостави хигиената на млечните заби со изговор дека детето е уште мало. Млечните заби се многу чувствителни и ако на тоа се додаде голема застапеност на бактерии, чести оброци и слаби одбрамбени својства на плунката доаѓа до развој на тешко и сериозно заболување на забите – циркуларен кариес. Прво хигиената започнува со благо чистење со влажна газа со вертикални движења кои одат од непцето кон гризните горни површини на забот и тоа од надворешна страна (кон усните) и внатрешна страна(кон јазикот). Во меѓувреме детето треба да се запознае со четката за заби и да си игра со неа. Дури подоцна се започнува со четкање на забите со четка. Препорака е родителите да ги четкаат забите на децата до третата година.
5.МЛЕЧНИТЕ ЗАБИ ТРЕБА ЧЕСТО ДА СЕ НАБЉУДУВААТ
Било кога и да се забележат некакви промени во вид на беличасти точки или дупчиња, детето треба веднаш да се однесе на стоматолог. Највероватно се работи за почеток на тешко заболување – циркуларен кариес. Доколку брзо не се реагира може да дојде во рок од неколку недели до неповратно оштетување на забите. Ако стоматологот ви каже дека не треба ништо да се прави, задолжително побарајте второ мислење од друг стоматолог.
6.ДЕТЕТО ТРЕБА ДА ГО ВИДИ СТОМАТОЛОГ И ПРЕД ТРЕТАТА ГОДИНА
Неопходно е детето најмалку двапати во годината да се однесе на преглед, а почесто ако родителот забележи нешто симтоматично. Редовна посета на стоматолог кој има пријателски однос кон децата создаваат навика на доаѓање и спречуваат страв од стоматолошка ординација.
7.МЛЕЧНИТЕ ЗАБИ ТРЕБА ДА СЕ ЗАЛИЈАТ-ЗАШТИТАТ
Заливањето на забите е многу моќна техника. Таа спречува расипување на забите на гризните горни површини на бочните заби. Таквиот кариес е најчесто застапен, се разбира ако не дојде до појава на циркуларниот кариес. Посебно се важни вторите млечни молари кои се неопходни да бидат во вилицата до единаесетата година.Тие се важни за правилно поставување на трајните заби и клучни се во процесот на доброто џвакање на храната.
8.МЛЕЧНИТЕ ЗАБИ ТРЕБА ВЕДНАШ ДА СЕ ЛЕЧАТ КОГА ЌЕ СЕ РАСИПАТ
Со оглед на тоа дека е многу значајно присуството на млечните заби, треба на време да се спречи заболувањето, но и веднаш да се поправат ако се расипани. Млечните заби се тенки, грацилни, па кариесот кај нив многу брзо напредува. Никако да не слушате совети дека млечните заби не треба да се поправаат, дека ќе бидат заменети со трајни.
9.МЛЕЧНИТЕ ЗАБИ МОРААТ ДА СЕ ВАДАТ АКО НЕ СЕ ИЗЛЕЧАТ
Доколку нема можност за отстранување на кариесот и лечење на забот кај кој дошло до изумирање на нервот, ќе мора да се извади бидејќи претставува извор на инфекција. Постои голема можност да се оштети зачетокот на трајниот заб, а постои и можност за лошо влијание и на имуниот систем, зглобовите и срцето. Исто така постои и опасност да дојде до појава на оток и многу други сериозни компликации.
10.МЛЕЧНИТЕ ЗАБИ БАРААТ ПРИМЕНА НА ФЛУОРИДИ
Флуоридите се најмоќното средство за заштита на забот од расипување и борба против напредување на расипувањето на забот. Пожелно е да се користат детски забни пасти со флуор. За останатите форми на флуор (таблети, гел, раствор) треба консултација со специјалисти кои би ја одредиле концентрацијата на нивниот внес.
„Темата е дел од првото издание на специјализираниот магазин за здравје и современ живот „Наше здравје“ на аптекарскиот бренд „Виа Фарм“ и Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“. Со цел да ги приближи темите поблиску до поширок круг на читатели, тимот на магазинот „Наше здравје“ неделно ќе објавува по една актуелна тема во рубриката „Здравје“ на OhridNews.