Со хуманитерен концерт на музичкиот виртуоз Дамјан Пејчиноски и Ѓоко Танески, роденденска торта и песна и ревијални натпревари Кошаркарскиот клуб Колибри од Охрид го прослави јубилејниот десетти роденден.
Успешната кошаркарска приказна започна во 2004 година од тогаш млади и многу амбициозни луѓе, а трае и ден денес.
– Пред десет години почнавме на терените кај каналот Студенчишта кои сами ги направивме. На почетокот функциониравме како летна кошаркарска школа, а од година во година нашето семејство растеше и се зголемуваа амбициите. Сега сме една респектабилна школа и клуб со одлични резултати и доста квалитетни дечиња – потенцираше првиот човек на клубот, Весна Балазоска.
Речиси во сите спортски арени во Охрид кошаркаркиот клуб Колибри тренира и го опфаќа целиот охридски регион. Репрезентативните искустсва нескромно на децата им ги пренесува тренерот Викторија Рибароска.
– Нашата школа е најстара во градот и еве веќе десет години успешно работи. Во иднина ќе го следиме овој терк на кој сите во клубот сме насочени. Откако работам во клубот имам еден сон, а тоа е од Охрид еден ден член од нашиот клуб да го облече националниот дрес – потенцираше Викторија Рибароска.
Кошаркарската школа Колибри брои околу 300 членови што ги прави едни од најмасовните во државава. Интересот во Охрид за кошарка е голем, а „колибрите“ се натпреваруваат во сите младински категории.
– Кошарката заедно со фудбалот се водечките спортови во светот. И во Охрид е така и можиме да се пофалиме со одлична бројка. Ние во нашата школа не ги учиме децата само кошарка туку сакаме да ги изградиме пред се како добри луѓе – исткана Гоце Митрески.
На роденденската прослава во „Тодор Александров“ присуствуваа сите активни и поранешни членови на кошаркарскиот клуб „Колибри“.
Михаил Постоловски