Точно десет дена преостануваат до долго очекуваниот атлетски настан во Охрид популарен како „Охрид трчаТ“. Подготовките се во финална завршница, а пријавувањето за учество трае до в недела 26 мај.
Десеттиот ден од одбројувањето до почетокот на третото издание на Атлетскиот викенд Охрид трчаТ ќе го искористиме за преставување на сите активности. За почеток, ќе стартуваме со десеткилометарската трка на која учествуваат најдобрите атлетичари од Македонија и од регионот.
Стартот и целта на патеката се на исто место, а се трчаат два кругови за да се исполни делницата од 10 километри. Со оглед дека низ стариот дел од градот се трча два пати, учесниците можат во два наврати да уживаат во убавините на Охрид и охридското езеро кога се спуштаат по кејот.
На првото издание на Охрид трчаТ во 2017 година на 10 километарската трка во машка конкуренција победи Дарио Иваноски со време 34 минути и 9 секунди, додека во женска конкуренција најбрза беше Андријана Поп Арсова со време 43 минути и 42 секунди.
Во 2018 година, Андријана Поп Арсова го одбрани тронот во женска конкуренција победувајќи со време 41 минута и 12 секунди и за повеќе од две минути го подобри времето од првата година, а во машка конкуренција славеше Стенли Кипруто од Кенија со време 32 минути и 48 секунди.
Оваа година, десеткилометарската трка и тим билдинг трката на десет километри ќе започне во 9 часот и одделена од рекреативната трка на 5 километри. Медал финишер добива секој натпреварувач кој ќе ја заврши трката на 10 километри, а вкупниот награден фонд изнесува 4 000 евра.
OhridNews