Последните парламентарни избори во земјата освен по спецификата на организирање и одржување поради пандемијата со Ковид-19 ќе останат запаметени и по одолговлекувањето на објавувањето на резултатите од изборите и падот на софтверот на Државната изборна комисија (ДИК) вечерта на 15 јули по денот на гласањето.
Поради неможноста да се следат резултати од изборите, што остави простор за сомнеж во јавноста, беше покрената истрага од страна на Министерството за внатрешни работи и од Основното јавно обвинителство, која, резултираше со кривична пријава за претседателот на ДИК, тројца вработени во Комисијата и еден управител и сопственик на правно лице.
Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Оливер Деркоски за МИА изјави дека до Комисијата се уште ништо официјално не е пристигнато од Обвинителството и дека засега сите информации ги читаат од медиумите. Потенцира дека се што е направено во однос на софтверот е законски.
Законито се водени сите постапки. Првпат најтранспаретно се водени овие постапки за софтвер на ДИК. Обезбедена е конкуретност, што претходните 11 изборни циклуси не било сторено, а за софтвер е плаќано по 4,5 милиони денари. Сегашната сума е 900 илјади денари, вели Деркоски. Останатите пари што се споменуваат во висина од од 349.500 денари, додава тој, биле наменети за монитори за салата каде што требаше да се следат резултатите од изборите.
Појаснува дека членови на Комисијата за јавни набавки не се членови на ДИК, како што се добива впечаток во јавноста туку вработени во службата на Комисијата.
До какви сознанија дошле ЈО и МВР за набавката на софтверот за следење на изборите
Претходно денеска дека за исходот од истрагата се изјаснија и Јавното обвинителство и Министерството за внатреши работи.
Во соопштението од обвинителството се наведува дека по „спроведена севкупна предистражна постапка, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување, при вршење на јавни набавки, од член 353 став 5 во врска со став 1 од Кривичниот законик, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување истражна постапка против четири члена на Државната изборна комисија (ДИК) и еден управител и сопственик на правно лице“.
Од соопштенијата и од обвинителството и од МВР овој пат дури ниту со иницијали не наведуваат за кои лица станува збор. Според информациите на МИА, станува збор за вработени во службите на ДИК, членови на Комисијата за јавни набавки и за претседателот на Комисијата, како и за управител и сопственик на правно лице.
Во соопштението од Обвинителството се наведува дека во временскиот период од февруари до септември годинава во ДИК, осомничените како членови на Комисијата за јавни набавки и осомничениот управител и сопственик на правното лице, со неизвршување на своите службени должности при спроведување постапка за јавна набавка ги повредиле одредбите од Законот за јавни набавки со тоа што не утврдиле дека економскиот оператор не ги исполнува условите за учество во постапката, не спровеле правилна постапка за евалуација на доставените понуди во постапката за јавна набавка, ниту било објавено Известување за поништување на постапката за доделување на договор за јавна набавка во предвидениот законски рок.
Како што се посочува, исто така, не било извршено тестирање и финален тест на софтверот пред истиот да биде имплементиран и не бил извршен увид во спроведената постапка со преговарање, иако биле должни да го направат истото пред да биде потпишан Договорот, како и да утврдат дека Извештајот од спроведена постапка бил изготвен спротивно на Правилникот за начинот на пополнување на образецот на Извештајот од спроведената постапка.
Изготвувањето на техничката спецификација за јавната набавка, посочуваат од ЈОРМ, била направена во консултации со учесник во постапката, спротивно од Законот за јавни набавки, со што за две правни лица била прибавена корист – право да учествуваат во постапката за јавна набавка и да склучат договор за истата. Со извршените дејствија е овозможено правните лица да се стекнат со противправна имотна корист во износ од 899.999,00 денари, како и износ од 349.500,00 денари.
OhridNews