Исходот беше црвени картон за Миркуловски од Металург и Адутовиќ и тренерот Вујовиќ од Вардар ПРО. Но, во целата конфузна ситуација на теренот голманот на Металург, Станиќ физички се пресметал со поранешниот секретар на Ракометната федерација, Марјан Начевски, кој за „Дневник“ рече :
– Седев во публика зад клупата на Металург и откако Миркуловски доби црвен картон, го повикав да се качи на трибината за да не го казнат дополнително. Одеднаш Станиќ, пријде и почна да вика ’се е ова ваше масло, на судиите’ и ненадејно ме удри со бокс по лицето. Со ништо не го испровоцирав голманот и не ни помислував дека може нешто такво да стори. До мене седеа двајца полицајци, кои не реагираа бидејќи Станиќ е актер на теренот, но рекоа дека ќе направат службена белешка. Случајот го пријавив во полиција, имам лекарско уверение за повредата и ќе го тужам голманот на Металург.
– Точно е дека имаше вербален дуел, но немаше никаков контакт. Таа верзија за удирање ја слушнав и јас, но нема ништо од тоа. Начевски и мене вербално ме нападна и нормално е дека му вратив, но се остана на зборови – истакна Станиќ.
Вардар го совлада Металург со 22-19 во “финалниот“ натпревар и заслужено ја освои титулата во ракометниот шампионат во Македонија.