Дербито на Италија, како што се нарекува средбата помеѓу Интер и Јувентус го одбележаа „бјанконерите“ кои со 2-1 славеа на стадионот „Џузепе Меаца“. Јувентус со триумфот во дербито се искачи на врвот од табелата и го расипа перфектниот скор на Интер во Серија А.

Пресмеката помеѓу двата најдобри клубови во Италија имаше фантастичен почеток. Јувентус од првата прилика успеа да постигне погодок и поведе во дербито. Дибала го совлада Хандановиќ во 4-та минута од натпреварот. На Интер не му требаше многу да се соземе и возврати со иста мера. Во 18-та минута Де Лихт играше со рака во својот шеснаесетик и Роки покажа на белата точка. Сигурен егзекутор беше Лаутаро Мартинез.

Страстите околу головите мируваа до 80-та минута. Аргентинецот Игуин кој влезе од клупата со погодок ја круниса тимската акција на својата екипа. Водството, гостите од Торино го задржаа до крајот и покажаа дека се најдобри кога е најпотребно.

Јувентус после седум одиграни мечеви во Серија А го запоседна врвот, додека Интер мора да анализира каде погреши и го загуби кормилото во италијанскиот фудбал.

OhridNews