Очите на македонската спортска јавност се вперени на случувањата на ракометниот Мундијал во Египет, но секогаш има време и простор за добар и квалитетен фудбал. Викендов, низ фудбалска Европа има неколку дерби пресметки, кои сигурно ќе привлечат големо внимание, не само кај поддржувачите, туку и кај неутралните љубители на фудбалот.

  • Серија А:

Дерби дуелите ги отвораат вечните ривали од Рим, Лацио и Рома, кои силите ќе ги одмерат во 18-та рунда од Серија А. Во пресрет на пресметката на „Олимпико“, Рома е во подобра позиција од Лацио на табелата. „Волчицата“ со 34 бодови е третопласирана, а „лацијалите“ со шест бодови помалку се осмопласирани во генералниот пласман. Резултатскиот ефект на последните пет натпревари во „калчото“ им е исти. Имаат забележано три победи, едно реми и имаат претрпено по еден пораз.

Што се однесува во меѓусебните пресметки, двете последни дерби средби завршиле без победник, со идентичен резултат 1-1. Претходно, двете екипи забележале по една победа.

Здравствениот билтен не е најдобар кај Рома и Лацио. „Лацијалите“ не ќе можат да сметаат на Кореа, Фарес, Прото и голманот Стракоша. Кај Рома ќе недостасуваат Калофори, Миранте, Педро и Заниоло.

Градското дерби во Рим се игра вечерва во 20:45 часот.

Ново дерби во Серија А ќе се одигра в недела во 20:45 часот кога силите ќе ги одмерат Интер и Јувентус. Моментално, дерби пресметката помеѓу Интер и Јувентус е најпривлечна и најгледана во Серија А, поради блиското минато на овие два тима, кои „војуваат“ на сите фронтови. „Нероазурите“ играат на домашен терен, но поради познати причини нема да ја имаат поддршката од трибините на „Џузепе Меаца“.

Интер е во мини резултатска криза, освојувајќи само бод на последните две средби во „калчото“, додека „бјанконерите“ се во добра форма и на три последователни мечеви забележаа исто толку победи, вклучувајќи го триумфот во дербито со Милан на „Сан Сиро“.

Избраниците на Антонио Конте имаат четири бодови предност во однос на Јувентус, кој пак, има натпревар помалку. Психолошкиот аспект ќе игра голема улога, но и двата тимови се под притисок.

Јувентус има поголеми проблеми со повредени фудбалери, бидејќи на располагање Андреа Пирло ќе ги нема Алекс Сандро, Де Лихт, Дибала и Квардадо, а под знак прашалник се МекКени и Киеза. Кај Интер ќе недостасуваат Весино, Д`Амброзио и Дармијан.

Меѓусебниот скор на последните пет мечеви е на страна на Јувентус. „Старата дама“ има забележано четири победи, а еден меч завршил без победник. Дуелот се игра в недела во 20:45 часот.

  • Премиер лига:

Во 19-та рунда од англиската Премиер лига ќе се одигра најславното и најголемото дерби, помеѓу Ливерпул и Манчестер Јунајтед. Кога на славното минато и историја, исполнета со над 90 трофеи, ќе се додаде моменталната ситуација на табелата на која прв е Манчестер Јунајтед, а втор Ливерпул, може да се заклучи дека не очекува спектакл на „Ендифл“, в недела во 17:30 часот.

По заминувањето на Сер Алекс Фергусон, Манчестер Јунајтед никогаш како до сега не изгледал конкурентен во борбата за титулата. „Црвените ѓаволи“ првопласирани во овој дел од сезоната се прв пат после седум години, што доволно говори за гладта и желбата за успех и титула на „Олд Трафорд“.

Ливерпул, пак, од друга страна е најблиску до перфекција во фудбалот. „Црвените“ негуваат стил на игра со која можат секој противник да го разбијат на најситни парчиња, особено кога играат на „Енфилд“.

Избраниците на Јирген Клоп немаат победа на три мечеви во серија, но триумф во дербито со Манчестер ќе значи многу повеќе од три бодови и мотив повеќе за следните натпревари. Пулените на Оле гунар Солскјер се во добра форма, победувајќи на четири од петте последни мечеви.

Во меѓусебните пресметки, Манчестер Јунајтед последно победил во 2018 година, додека Ливерпул славел во две од четири дерби дуели.

Со повредени играчи повеќе проблем има Ливерпул, кој на располагање ќе ги нема Гомез, Ван Дијк, Жота и Цимикас. Кај „црвените ѓаволи“ ќе ги нема Џонс, Рохо и Пелистери, кои и да се фит не добиваат прилика за настап.

Ла Лига:

Во шпанската Ла лига има пауза. Екипите со мечеви ќе продолжат на средината од следната недела, кога на програмата е 18-та рунда.