Повторно гори депонијата Буково. Овој пат како што информираа од ЈП „Комуналец“ станува збор за мала површина, односно  се работи за отпад кој е депониран во последното деноноќие, околу 100 метри квадратни.

Како што вели директорот на ЈП „Охридски комуналец“ Љупчо Грданоски, се уште останува проблемот со неовластените лица кои престојуваат на депонијата и предизвикуваат пожари.

Јавното претпријатие Охридски Комуналец заедно со СВР Охрид излезе на терен и кон лицата кои се неовластено таму најверојатно ќе биде поднесена соодветна пријава. Огнот е веќе локализиран, останува уште чад кој по одреден период по покривањето со земја ќе престане. Меѓутоа, уште еднаш  упатувам апел за поголеми и поредовни контроли, за да не дозволиме овие неовластени лица да ја направат истата ситуација, да предизвикуваат пожари на депонијата, вели директорот на ЈП „Охридски комуналец“ Љупчо Грданоски

Грданоски додава дека „Охридски Kомуналец“ како претпријатие ги презема сите активности но, немаат надлежност да постапат со тие лица  освен да ги пријавуваат до надлежните органи.

Реалната состојба укажува дека ние колку и да се трудиме, а вложуваме над човечки напори за санирање на овие проблеми, доколку тие лица секојдневно се таму, сликата ќе биде иста. – посочува Грданоски.

Во врска со овој проблем реагираа и од ОК ВМРО ДПМНЕ Охрид. Oбвинуваат дека повеќе од три месеци во градот и околните села се чувствува неподнослива миризба и чад, а  градоначалникот не преземал ништо.

Георгиески треба да се засрами затоа што не презема ништо додека загадениот воздух предизвикува здравствени проблеми кај жителите. Зошто Георгиески не ги спроведува препораките на УНЕСКО со кои депонијата требаше да биде затворена до крајот на 2020 година? Несфатливо е во 21 век да гледаш депонија како гори, стои во соопштението од ОК ВМРО ДПМНЕ.

Затворањето на депонијата „Буково“ е една од препораките на УНЕСКО. Последниот обид за издрадба на регионална депонија во атарот на селото Годивје во Општина Дебрца беше неуспешен, откако локалното население го отфрли овој предлог на референдум.

Последните информации се дека регионална депонија во југозападниот регион треба да се изгради во Пелагонискиот регион.

Кристина А.