Чад и натаму се издига од депонијата Буково, каде подолг период има пожар, кој интензивно го гаснат екипи на јавното претпријатие „Охридски комуналец“. Фотографиите направени утрово покажуваат дека иако во помал обем депонијата се уште тлее.
Како што објаснува директорот на јавното претпријатие, Љупчо Грданоски, најголемиот дел од работата за гаснење на пожарот е завршен.
- Има работа за уште два до три дена, но најголемиот дел е саниран. Потрошени се и многу средства и време, затоа што беше зафатена голема површина. Сега останува уште многу мал дел, вели Грданоски.
Неофицијално, станува збор за подметнат пожар.
Ваквите проблеми во депонијата Буково се чести, особено во летниот период, што влијае врз загрозување на животната средина. Токму тоа е и причината поради која од страна на УНЕСКО е побарано депонијата да се затвори најдоцна до 2020 година.
OhridNews