На дваесеттина километри од Охрид се наоѓа депонијата Буково, каде со децении се одлага сметот од Охридскиот регион. Често оваа депонија во летните месеци знае да се запали, како што тоа е случај и деновиве. Чадот од депонијата во ноќните часови стигнуваше и до Охрид.

ЈП „Охридски Комуналец“, интензивно работи на гаснење на пожарот во депонијата. Искипани се тони земја, која треба да помогне да се елиминира пожарот. Гаснењето е при крај. –  велат од „Охридски Комуналец“.

Санацијата на депонијата Буково е едно од 19-те барања на Реактивната мисија на УНЕСКО од 2017 година, реафирмирани на последната сесија на Комитетот за светско наследство што се одржа неодмна во Баку, Азербејџан.

Градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески, вели дека ова прашање ќе биде можеби и најтешко за решавање. Решението се гледа во изградба на регионална депонија со фабрика за преработка на отпад, што треба да озовможи затворање на депонијата во Буково и решавање на проблемот со огромните количини најразличен и неселекторан отпад кој се наоѓа таму.

Регионална депонија во Дебрца нема да се гради

Иако официјално се’ уште не е соопштено, се поизвесно е напуштањето на идејата за изградба на Регионална депонија на територијата на Општина Дебрца, која исто така се наоѓа во сливот на Охридското Езеро заштитено од УНЕСКО. Сега е повеќе од јасно дека општините од Југозападниот плански регион треба да изнајдат алтернативно решение, но најверојатно изборот ќе треба да го направи државата. За таа цел Владата ги презеде ингеренциите над управувањето со отпадот од општините и го прифати предизвикот да го решава најгорливото еколошко прашање во земјата.

Депонијата Буково – google earth

Рокот на УНЕСКО за затворање на депонијата Буково е 2020 година. До тогаш државата и општините во Охридскиот Регион имаат време да изнајдат решение за Регионалната депонија, која не е само потребна за да се  зачува статусот на единственото заштитено светско природно и културно наследство во земјата, туку е неопходност која треба да го подобри квалитетот на живот и воедно да го подигне нивото на заштита на животната средина.

Г.М.