Дека еколошката свест кај нас е на најниско можно ниво потврда се бројните диви депонии во градот и околината. Речиси нема населба која нема проблем со отпад. Некаде кабаст, некаде комунален, некаде градежен, а некаде зелен, за секое ѓубре има место во нашата животна околина.

Во населбата Чекоштина подолго време се натрупува отпад покрај локалниот пат. Го носат и ноќе и дење, се жалат локалните жители.

Мештаните се разочарани од односот на некои сограѓани кои отпадот од реновирање, градење или хортикултурно уредување наместо соодветно да го одложат го истураат кај ќе стигнат.

Посочениот, за жал, не е единствен пример на уништување на животната средина. И покрај реакциите на граѓаните проблемот со несоодветното депонирање на отпадот тешко се решава. Сторителите не се казнуваат, а на граѓаните на кои им смета ваквото нецивилизирано однесување не им останува ништо друго освен јавно да се пожалат и да се надеваат дека системот конечно ќе профунционира.

Г.М.