Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија во текот на минатата седмица во Ниш, Србија организираше „Денови на македонски туризам“. Во рамки на овие промотивни активности биле одржани средби со туристички работници, туристички агенции, туроператори и медиуми  од Србија

-Настанот се организираше во Ниш, јужниот дел на Србија со цел афирмација на започнатата туристичка сезона, да им се претстави туристичкиот производ од Македонија и можност за зголемување на бројот на Српски туристи кои традиционално секоја година ја посетуваат нашата земја. Локалните медиуми го одбележаа настанот и ја пренесоа пораката дека Македонија е безбедна туристичка дестинација како за српските така за сите други туристи и дека туристичките работници од Македонија се подготвени да ги пречекаат гостите од соседството, велат од АППТ.

Настанот бил збогатен со дегустација на македонска храна и вино, македонска музика и пригодна наградна игра, а најсреќните имале можност да бидат добитници на автентични производи од Македонија, тоа се охридските бисери, филигранот со македонски рубин и се разбира викенд во Охрид за двајца.

Со оглед на тоа дека бројот на туристи од година во година расте, Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот ќе продолжи и понатаму да ја дава потребната поддршка на странски тур оператори преку доделување на субвенции за странски туристички промет во државата.

-Успешните промотивни активности на туристичкиот пазар во Србија позитивно се одразија на зголемување на број на туристи од оваа земја кои во последните неколку години изнесува повеќе од 12%. Неколку години по ред се реализира медиумска кампања која се покажа како  успешна и продолжуваме со исто темпо и оваа година, потенцираат од АППТ.

Оттаму информираа дека како новина во делот на прмоцијата на српскиот пазар е преводот на веб страната „Мацедониа-тимелесс“ на 9 јазици вклучително и српскиот, со цел туристичкиот производ од Македонија да стане подостапен за потенцијалните туристи.

OhridNews