Недостатокот од комуникација помеѓу понудата на работа и побарувачката, Факултетот за туризам и угостителство одлучи да го надмине на иновативен начин, организирајќи „ Денови на кариера и промоција“. Со тоа на едно место, во просториите на факултетот, имаат можност да се сретнат од една страна дипломираните и активни студенти, а од друга страна компании од областа на туризмот, агенциското работење, услужните дејности и шпедиција, односно потенцијалните работодавачи кои ги презентираат можностите за сезонско и трајно ангажирање на студентите.
– Се погриживме да споиме две сфери кај кои осетивме еден недостаток од комуникација, а тоа е понудата на работа и побарувачката. Во Охрид доминира сезонскиот карактер на ангажирање, а нашите студенти секако дека можат да влезат во таа празнина. Имавме многу понуди, од сите сектори на услуги за да вработат наши студенти времено, можеби и трајно и осетивме дека време е да направиме настан што ќе ги спои оние кои нудат работа да се презентираат себеси, а студентите пред нив да дадат првичен впечаток со цел да ги ангажираат, барем кога се слободни. Наша девиза е дури и да не најдат идеален ангажман, никогаш да не одбегнуваат да одговорат на предизвикот бидејќи никогаш не се знае, секогаш треба да се стремат да научат нешто повеќе, што ќе отвори нови врати и нови видици, вели деканот на ФТУ, проф. Д- р Сашо Коруноски.
Претставниците од компаниите, институции, агенции кои своите можности за ангажирање ги презентираа на штандови, потенцираат дека ова е одлична можност за меѓусебно запознавање и продолжување на идната соработка.
– Конечно добра идеја, добро е што можеме да комуницираме со студентите и да ги насочиме кон можностите за работа. Ја поздравуваме иницијативата на ФТУ и се надевам дека во иднина овој тип на соработка ќе се продлабочи и ќе има взаемна корист и за двете страни, вели Марко Спасески од осигурителната компанија Кроација Осигурување.
– Ова е одличен спој на студентите кои можат да го презентираат својот потенцијал и компаниите и институциите кои можат да ги ангажираат. Воедно е и одлична можност за студентите да ги збогатат нивните знаења и да добијат едно одлично искуство, бидејќи „ Охридско лето“ сепак е најдоброто што го имаме, смета Сузана Вренцоска од НУ „ Охридско лето“.
Дел од настанот „ Денови на кариера и промоција“ се и претставници од Локалната самоуправа, од Министерството за образование и наука, од Министерството за економија, од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, како и претставници од Агенцијата за поддршка на претприемништвото и ХОТАМ.
Т.К.