Проекција на холандски филмови под назив „Високи достигнувања од ниската земја“ од 21 до 26 јули ќе биде одржана во Охрид во организација на Промо центарот Јавна соба од Скопје. Филмовите ќе бидат прикажани на отворено, во дворното место пред дирекцијата на Охридско лето, со почеток на проекциите во 21.30 часот. Влезот ќе биде слободен за сите посетители.

Селектор на програмата е Рада Шешиќ од Холандија, која ќе го отвори годинашното издание на холандски филмови и ќе врши кратко воведно и завршно претставување на филмовите. Шешиќ, специјално за Охрид, има одбрано летна, на хумор базирана филмска програма, која има за цел до солзи да ја насмее домашната и странската публика. Полска невеста, Кармен го сретнува Борат, Еротски приказни, Симон, Црна Книга се дел од програмата на холандски филмови. Сите филмови се добитници на меѓународни филмски фестивали.

Филмската програма „Високите достигнувања на ниската земја“ е поддржана од Охридско лето, Центарот за култура Глигор Прличев од Охрид, Министерството за култура, Холанд Филм и Cultural Aid.

Деталите за фестивалот ќе бидат соопштени на прес конференција утре.