Годинешното одбележување на 8-ми Декември, Денот на  Патронот на Охрид, Св. Климент Охридски, ќе мине во знакот на низа пригодни манифестации и свечености.

Започнуваат во понеделник, 6 декември, со изложба на уметнички фотографии на тема „Охрид те сакам“ во ОУ „Св. Климент Охридски“. Истиот ден ќе се одржи и свечена приредба по повод патрониот празник на ОУ „Св. Климент Охридски“, а одбележувањето ќе продолжи во Центарот за култура „Григор Прличев“ со изложба на дела од роднокрајни уметници која ќе се одржи во 18 часот и 30 минути во Галеријата на Центарот за култура „Григор Прличев“. Во 19 часот, свечено ќе бидат врачени наградите од Конкурсот за најдобри литературни , музички и ликовни творби на учениците од ОСУ „Св. Климент Охридски“, а во 20 часот во големата сала на Центарот за култура ќе започне свечената приредба на ОСУ „Св. Климент Охридски“.

Во вторник, 7 декември, во големата сала на општина Охрид ќе се одржи промоција на новелата „Чувства без наслов“ од Никола Маневски.

На 8-ми Декември, среда, покрај поклонението пред моштите на Св. Климент Охридски кај Светиклиментовиот манастир „Св.Климент и Св. Пантелејмон“на Плаошник и  полагањето свежо цвеќе на спомениците на Св. Климент Охридски во дворот на ОУ и на Градскиот Плоштад во чест на празникот, ќе се одржи традиционална изложба на фотографии на фото клубот „Охрид“.
Свечената академија во чест на „Св. Климент Охридски“ – заштитникот на Охрид ќе се одржи во хотелот Метропол со почеток во 19 часот и 30 минути.

На  академијата, свое обраќање ќе има градоначалникот Александар Петрески, а ќе бидат врачени  и највисоките општински признанија „Свети Климент Охридски – Патрон на Охрид“.

OhridNews