Денот на Езерото беше и помина, но горливите еколошки проблеми кои ги мачат граѓаните остануваат, велат од еколошкото друштво „Грашница“. Тие упатија апел до надлежните органи сериозно да се зафатат со решавање на крупните еколошки проблеми и загадувачите на езерото:

Проблемот река Грашница – доволно познат за кој веруваме дека конечно ќе биде решен по толку апели до надлежните органи;

Проблемот Коселска река – освен загадувањето со цврст отпад од селските населби, дел од земјоделците во летните месеци ја користат за наводнување црпејќи го целиот проток притоа не оставајќи го неопходниот биолошки минимум за опстанок на живиот свет;

Проблемот со колекторот на потегот населба Воска – пумпна станица Подмолје – излевањето на отпадни води не доликува за град под заштита на УНЕСКО, тоа е лоша слика за туристите и закана за здравјето на сите од тој дел од градот и езерскиот екосистем. Крајно време е по толку апели надлежните да се зафатат да го решат ова горливо прашање;

Проблемот со отпадот на плажите – веруваме дека локалната и државната власт ќе најдат заеднички јазик, во корист на нас – локалните жители, туристите и езерото воопшто;

Проблемот со пловните објекти чиј број загрижувачки расте – да поведеме иницијатива за постепено намалување и елиминирање на пловните објекти кои користат нафтени деривати.

Веруваме дека надлежните час поскоро ќе се зафатат со решавање на овие проблеми. На тоа впрочем не обврзуваат нашите и прописите на Европската Унија и се разбира – генерациите по нас, велат од Е.Д.„Грашница“.

Ohridnews