Денот на Охридското Езеро, 21 Јуни, годинава со повеќе свечености ќе биде одбележан во Охрид.
Целта на традиционалната манифестација која неколку години наназад ја негуваат трите крајезерски града: Охрид, Струга и Поградец е преку разни форми да се влијае на подигнувањето на јавната свест за заштита на Охридското Езеро, а преку богатата културно-музичка и спортска програма во која се вклучени ученици, невладини организации и други асоциации да се зближат граѓаните од трите крајезерски града.
Централната манифестација годинава се организира во локалитетот „Грашница“ во комплексот „Градка плажа“. Предвидено е да се одржат натпревари помеѓу младите фудбалери од трите градови, а во културно-забавната програма учество ке земат хорот при Гимназијата „Св.Климент Охридски“, КУД „Македонка“ од Охрид, талентираната Миланка Новеска и други уметници. Присутните гости и граѓани ќе имаат можност да проследат и исполненија на староградски песни, да ги разгледаат штандовите и изложбите на фотографии од Музејот во Струга и фото-клубот „Охрид“, модна ревија и други манифестации.
Поздравни зборови на манифестацијата по повод денот на Охридското Езеро ќе имаат градоначалниците на Охрид, Струга и Поградец – Александар Петрески, Рамиз Мерко и Артан Шкемби.