Охридските клубови во фудбал и ракомет, денеска на домашен терен, ги играат одлучувачките натпревари во шампионатите, на кои имаат единствен избор-победа!

„Рибарите“, на СРЦ „Билјанини Извори“ со почеток во 13 часот, го пречекуваат тимот на Велешта, во дербито од 24-та рунда во Втората македонска фудбалска лига-запад. Избраниците на Драган Бочески со победа над конкурентот ќе избијат на второто место на табелата и ќе имаат пол позиција во финалните три битки од второлигашката конкуренција. За потсетување, второпласираната екипа на табелата на крајот од сезоната игра бараж натпревар за влез во Првата македонска фудбалска лига.

„Гладијаторите“, пак, на домашен, но во Велгошти, во дербито на колото силите ќе ги одмерат со скопски Бутел. Охриѓани атакуваат на пласман во топ 4, кој води во Европа, а за остварување на целите потребна е победа против незгодниот ривал. Пулените на Раде Стојановиќ играат променливо, но денеска е потребно игра со срце и „гинење“ во охридскиот дрес за победа и продолжување битката за топ 4. Дуелот во Велгошти се игра во 14 часот.

Вистинската штета и голем минус за охридските спортисти е играњето без публика, бидејќи денеска ќе беше спортски празник во Охрид. Но сепак, фудбалери и ракометари, играјте за вас, за нас, за Охрид! Напред Охрид!

Мх.П.