Во Атина денеска продолжуваат преговорите околу спорот што Р. Грција го наметна во врска со уставното име на нашата земја. Според најавите преговорите влегуваат во клучна фаза бидејќи, медијаторот во спорот, специјалниот пратеник на ОН, Метју Нимиц, денеска се очекува да го претстави својот финален предлог што треба да доведе до евентуално компромисно решение.
Во предвечерјето на преговорите во Атина, САД мошне директно ги условија двете земји (читај Република Македонија)дека предлогот не смее да се одбие. „Слушајте внимателно што има да ви каже Нимиц“ порачаа американците. На овој начин тие се обидуват да го симнат од дневен ред прашањето за името на нашата земја со цел да се избегне евентуалното грчко вето при приемот на Македонија во НАТО на претстојниот самит во Букурешт.
Преговарачите Димитров и Василакис и медијаторот Нимиц
Во очекување на официјализација на предлогот на Нимиц, во јавноста кај нас со денови се споменува тројната формула, во која се предвидува едно име за билатерална употреба со Грција, едно име за употреба во меѓународните организации и право на земјите кои го признале уставното име на Република Македонија официјално да комуницираат на тој начин.
Меѓу споменатите опции е и таканаречената сложена формула која ќе го содржи името Македонија, а меѓу најспоменуваните е „Демократска Република Македонија“, предлог на поранешниот американски амбасадор Хил.
Македонскиот државен врв е воздржан во очекување на финалниот предлог на Нимиц. Пред преговорите во Атина власта и опозицијата ги повторија цврстите ставови дека името не смее да биде цената која Македонија ќе ја плати за влез во НАТО.
Во пресрет на обелоденувањето на најновиот предлог на медијаторот Метју Нимиц во преговорите помеѓу Република Македонија и Република Грција, околу спорот со името, невладината организација “Младите знаат”, денеска 18ч. ќе организира мирен протест на плоштадот Македонија. „Со овој протест сакаме да го искажеме нашиот став цврст како граѓани на Република Македонија, дека НЕ прифаќаме промена на уставното име на нашата Република Македонија“, се вели во соопштението што до јавноста го испрати оваа невладина организација.
Горан Момироски