Ракометарите на Охрид и Пролет, утре (среда), во спортската сала „Тодор Александров“ во Велгошти ќе ги отворат мечевите од 10-та рунда од плејофот во Супер лигата. Бодовите од дерби натпреварот се значајни за двете екипи, затоа се очекува жестока борба до последен здив во Охрид.
Сигурно ќе биде тежок натпревар, бидејќи двете екипи ќе атакуваме на победа која ни е неопходна во битката за позициите на табелата кои водат во Европа. Сега пред натпреварот што можам да ветам е дека ќе дадеме се од себе, ќе играме максимално мотивирано и ангажирано во текот на сите 60 минути, што се надевам дека ќе биде доволно за победа. Во трите пресметки до сега извојуваме три победи, но тоа ништо не мора да значи, затоа што секој нов натпревар е нова приказна и предизвик, – рече Хрватот Денис Тот.
Тој додаде дека нијанси и фактот среќа го оставиле Охрид без победа на дуелите со Струга, Еурофарм Пелистер 2 и Бутел, кои завршија со нерешен исход.
Нам малку ни фалеше трите нерешени средби да ги претвориме во победа, затоа можам да кажам дека и среќата ни го сврте грбот. Со три победи во дуелите во кои освоивме бод ќе бевме во многу подобра позиција. Сепак, ние не се предаваме и одиме на победа утре против Пролет и на останатите мечеви до крајот на сезоната, –истакна Тот.
„Гладијаторите“ со мечот против Пролет го почнуваат маратонот натпревари во плејофот од Супер лигата. До финишот на сезоната ќе се игра во забрзано темпо (среда-сабота). Охрид во 11-та рунда силите ќе ги одмери со Металург во „Автокоманда“, потоа на домашен терен ги пречекува Струга и Еурофарм Пелистер 2, а гостува кај Еурофарм Пелистер во Битола.
Мх.П.