Денеска напладне охригани ќе се потсетат на творечкиот лик на нивниот познат сограганин, писателот, основоположник на македонската детска литература, Ванчо Николески. Настанот ќе се одржи во КИЦ „Култура 365“, каде ќе биде прв пат јавно презентирана новата книга “Спомени-рани” од Веле Митаноски, кој, исто така, пред присутните ќе пренесе сеќавања за својот славен соселанец од Црвена Вода, писателот Николески.
– Единствениот повод за овој настан е чување на споменот на овој наш писател и ќе се одржи под мотото „Култура за сите секој ден“. На нашите писатели треба да се сеќаваме секој ден (365 денови во годината), а не еднаш на 100 години. Осврт за неговиот живот и дело ќе поднесе магистер Лидија Размоска, а ќе се читаат и негови творби. Секој од присутните ќе може да каже како го доживува Ванчо Николески. Поради значењето икарактерот на неговото творештво, ги поканивме се учениците од литературната секција при основното училиште „Св. Климент Охридски“, вели писателот Мишо Јузмески.
Ванчо Николески е роден на 10. јуни 1912 година во село Црвена Вода – Дебрца, Охридско. Основно училиште завршува во родното село, гимназија во Охрид, а учителска школа во Скопје. По завршувањето на учителска школа, тој учителствува во многу села низ Македонија. По ослободувањето работи како новинар и уредник на весникот „Титов пионер“ и во детските емисии на Радио Скопје и Радио Битола. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1950 година.Добитник е на повеќе книжевни награди, меѓу кои „Климент Охридски“ и „Младо поколение“. Преведуван е на сите југословенски јазици, и самиот се занимавал со преведување од српски и руски јазик.Почина на 15. април 1980 година, а во негова чест Друштвото на писателите на Македонија ја доделува наградата „Ванчо Николески“ за книга за деца и млади.
OhridNews