На 14-ти февруари католиците го слават празникот Св. Валентин, познат во пошироката јавност и како Денот на вљубените, поради што младите ширум светот независност од верата на која припаѓаат, се повеќе го одбележуваат овој ден. Иако повеќето срамежливо негираат дека го прославуваат Св. Валентин, излозите од локалните парфимерии, цвеќари и продавници го говорат токму спротивното. Дел од нив се аранжираат токму во духот на овој празник, а најчести купувачи се младите.

Секој 14-ти февруари, вљубените разменуваат цвеќиња, колачи и подароци, а сето тоа во име на Св. Валентин.

Но, кој е овој мистериозен светец и зошто го славиме овој празник? Историјатот на Денот на Св. Валентин е обвиткан во мистерија. Но знаеме дека февруари е и месец на романсата. Св. Валентин, каков што го знаеме денес, има обележја и од христијанската и од староримската традиција. 

Денес, католичката црква признава барем три различни светци наречени Валентин или Валентинус, сите биле маченици. 

Една легенда кажува дека Валентин бил свештеник кој служел во текот на третиот век во Рим. Кога императорот Клаудие Втори одлучил дека неженетите мажи се подобри за војска од оние со жени и фамилии, ги забранил браковите за младите мажи – неговите потенцијални војници. Валентин, сфаќајќи ја нанесената неправда, се спротиставил на Клаудие и продолжил да склучува бракови на млади љубовници во тајност. Кога тие активности биле откриени, Клаудие наредил да го погубат. 

Други легенди раскажуваат дека Валентин можеби е погубен заради помагање при бегство на христијани од строгите римски затвори каде биле честопати измачувани. 

Секоја година за Св. Валентин (Денот на вљубените) во Англија и западниот свет се испраќаат милиони честитки. Најстара позната честитка која се чува и денес е онаа на Шарл, Војводата од Орлеан кој и` напишал и испратил поема на својата жена додека бил затворен во злогласниот затвор Тауер Бриџ. Поемата (честитката) сега е дел од британската библиотека во Лондон. 

Пандан на католичкиот празник Св. Валентин во православието, според многумина, е денот посветен на светиците „Вера, Љубов, Надеж и мајка Софија“ кој се одбележува на 30-ти септември. 

OhridNews