Преподобниот Нектариј Битолски е роден во Битола од побожни родители. Крстено име му е Никола. Живеел во време кога Турците ги освојувале овие простори. Мајка му еднаш кога работела на гумното заспала и сонувала како Богородица ја советувала со мажот и децата да бегаат некаде и да се сокријат зошто ќе дојдат Турците и ќе направат многу зла. Ги послушале советите на Божјата Мајка и се засолниле. Навистина набргу дошле Турците и на населението му направиле многу зло. Кога состојбата се смирила целото семејство излегло од засолништето живо и здраво и благодарно кон Бога и Богородица за предупредувањето и спасението.

Татко му на Никола во поодминати години, со одобрение на мајка му заминал во манастирот Свети врачи Кузман и Дамјан близу до Битола, се замонашил и добил име Пахомиј. Во манастирот често доаѓал Никола со својот помлад брат.

Обичај било во манастирот да доаѓа околното население и да носи дарови. Особено тоа масовно се случувало за време на празникот на Светите Врачи. Еднаш се случило да народот донесол многу подароци. Имало во изобилство храна и вино. Но имало и многу народ така што виното бргу се испило. Пахомиј и неговите двајца синови слегле во подрумот со свеќи во рацете за да ги измијат бочвите, но биле изненадени кога виделе дека бочвите на чудесен начин биле наполнети со миризливо и квалитетно вино.

Гледајќи го ова чудо и сеќавајќи се на јавувањето на Богородица на мајка му, младиот Никола уште повеќе го засакал животот во манастир и заминал на Света Гора. Таму бил примен од старецот Дионисиј кој веднаш го одвел кај видовитиот старец Филотеј. При првото видување старецот го повикал по име: „Ти си Никола, синот на Пахомиј и сакаш да живееш со нас“. Никола се изненадил, од каде овој старец што прв пат го гледа го знае неговото име и името на неговиот татко, но стариот му објаснил дека тоа го разбрал од Бога кој го испратил тука. Воодушевувајќи се од двајцата старци Никола останал да живее со нив и да им помага, се замонашил и го добил името Нектариј.

Преподобниот Нектариј Битолски умрел на 18 декември 1500 година. По пет години неговите ученици го отвориле гробот и виделе дека од неговите мошти течело миро и се ширела пријатна миризба. И денес светите мошти на Нектариј Битолски почиваат во келијата во Света Гора каде тој живеел и се молел.

OhridNews