На денешен ден Светата православна Црква го празнува споменот на Oтсекувањето на главата на Св. Јован Крстител. Празникот посветен на погубувањето на св. Јован Крстител што секоја година се празнува на 11 септември (н.с.) во народниот говор се среќава под различни имиња: Св. Јован Сечиглав, Св. Јован Отсечен, Св. Јован Опсечен итн.

 

Свети Јован Крстител или уште како се нарекува Св. Јован Претеча живеел во исто време кога и Исус и тој всушност го најавува неговото доаѓање. Јован уште пред Исус ги крштевал луѓето во реката Јордан и притоа им велел „Јас ве крштевам со вода, но ќе дојде друг кој ќе ве крсти со Дух“. Јован го крстил и Самиот Исус во реката Јордан.

Во времето кога Јован проповедаше во Палестина, во Галилеја владееше Ирод Антипа, еден од синовите на оној Ирод што насекаде се прослави со својот расипан карактер. Овој наследи некои особини од татко му, па ја избрка својата законита жена и живееше незаконито со Иродијада, жената на својот се уште жив брат Филип. Јован отворено и пред целиот народ го прекоруваше и го разобличуваше за тоа, па Ирод го затвори. Во една прилика Ирод приреди гозба во својот дворец. Ќерката на Иродијада, Саломија, го восхити Ирода со својата страствената игра на гозбата, така што овој замаен од пиењето и вети се што ќе посака. Саломија, поучена од мајка и, која не можеше да му го прости јавното разобличување на Јована, ја побара главата на пророкот. Ирод нареди и Јован беше обезглавен. Иродијада продолжи да се изживува над мртвата Јованова глава и го избоде неговиот јазик со игли. Подоцна еден дворски слуга чесно ја закопа главата на свети Јован Крстител. Наскоро злосторниците ги снајде заслужената казна. Првин кнезот Арета, таткото на законитата Иродова жена, подигна војска и го порази Ирода, а подоцна цезарот Калигула го протера во Галија, па во Шпанија, каде Ирод и Иродијада ги завршија своите неславни животи во беда и понижување. Саломија, пак, ја снајде лоша смрт во реката Сикорис.

Поради значењето на овој светец црквата овој ден го прогласила за строг пост.

OhridNews