Потписниците на Повелбата за солидарност, по повод Меѓународниот ден на работничката борба – Први мај, денеска ќе организираат протест за социјална правда и работнички права. Протестот започнува точно напладне од споменикот на предвоени синдикати, ќе продолжи пред Собранието, Министерството за труд и социјална политика и ќе заврши пред Владата.

Според потписниците, изминатата година најмногу на удар биле вработените во јавниот сектор, а особено во администрацијата, на кои им се наметнале бројни нови правила за полесна контрола и за полесно отпуштање на неподобните, хонорарните работници се изложени на осиромашување поради наметнатата обврска да плаќаат придонеси за хонорарите, а на вработените во образованието им е укинато правото да штрајкуваат.

Истовремено Сојузот на синдикатите на Македонија ќе го одбележи Меѓународниот ден на трудот, Први мај, со реализација на Марш на солидарноста. Маршот ќе започне со собирање на платото пред зградата на ССМ во Скопје до 12 часот. Учесниците на маршот ќе се движат по утврдена патека од пред зградата на ССМ во Скопје покрај Собранието на Република Македонија се до Плоштадот „Македонија“. На манифестацијата ќе биде прочитан и првомајскиот манифест.

OhridNews