Како што веќе објави ohridnews, посебниот режим на сообраќај на сила стапува утре и ќе важи само за време на одржувањето на НАТО форумот.
„На 27 јуни на подрачјето на општина Охрид нема да има никакви забрани или ограничувања во сообраќајот, а што се однесува за 28 и 29 јуни зависно од тоа какви информации ќе имаме за возилата под придружба ќе преземаме соодветни мерки, но тие застои и ограничувања во сообраќајот ќе се трудиме да бидат максимално кратки имајќи ги во предвид условите за одвивање на сообраќајот во Охрид, скромната сообраќајна инфраструктура и потребите на граѓаните и туристите“, изјави за ohridnews, Бранко Речкоски, виш сообраќаен инспектор во СВР Охрид.
Сообраќајот како што појасни Речкоски, комплетно ќе се нормализира на 29 јуни во вечерните часови, веднаш по заминувањето учесниците на НАТО фoрумот од Охрид
Полицијата појаснува дека посебниот режим на сообраќај не значи дека Охрид ќе биде во некаков карантин туку дека за време на движење на делегациите ќе се ограничува или забрани на определени категории на учесници на сообраќајот, како што е товарен, автобуски или сличен сообраќај на определени делници.
Штом се обезбедат минимум услови за да може да се одвива сообраќајот полицијата со максимално залагање ќе го овозможи тоа, вели Речкоски.
Речкоски не’ информираше дека охридската сообраќајна полиција располага со потребните средства и капацитети да одговори на предизвикот за што побезбедно одвивање на сообраќајот за време на НАТО форумот како на учесниците на големиот настан, така и на граѓаните и правните субјекти.
Единствен проблем е скромната инфраструктура . Одредени сообраќајни решенија не се доволно добри и во иднина се потребни позначајни зафати за подобрување на сообраќајната инфраструктура, смета Речкоски.
Г. Момироски