Денеска нема да има движење на товарни бродови со украинско жито низ Црно Море, јави Заедничкиот координативен центар (ЗКЦ) од Истанбул, што е задолжен за следење на меѓународниот договор за извоз на украинските житарки, што беше потпишан летово.

Во рамките на Центарот не се постигна заеднички договор за излез и влез на товарни бродови за 30 октомври, се наведува во синоќешното соопштение, откако Москва донесе одлука да го прекине учеството во договорот за транспорт на жито потпишан во Истанбул на 22 јули поради нападите со беспилотни летала врз руски бродови во заливот Севастопол, на анектираниот Крим.

Руските власти вчера соопштија дека се повлекуваат од договорот за извоз на жито од украинските пристаништа, од витално значење за снабдувањето со храна во светот, по нападот на црноморскиот полуостров Крим, за кој Москва ги обвини Украина и Велика Британија.

Како причина за ова свое повлекување од договорот руските власти ги наведоа нападите со беспилотни летала врз воени и цивилни бродови на руската Црноморска флота стационирани во Севастополскиот залив, на Крим, што беше насила припоен од Русија во 2014 година.

Заедничкиот координативен центар, што во Истанбул ги собира претставниците на Русија, Украина, Турција и ОН, прецизираше дека Русија го информирала за својата „загриженост за безбедноста на товарот“ и тоа им ја пренела на турската и на украинската делегација. По оваа објава нема официјална реакција од Анкара.

Безбедносен извор за француските медиуми синоќа изјави дека Турција не била официјално известена за повлекувањето на Русија од договорот, додавајќи дека Заедничкиот координативен центар ги разгледува последните случувања, го проценува влијанието врз операциите и ги разгледува следните чекори.

Девет товарни бродови вчера можеа да поминат низ поморскиот коридор во Црното Море, а уште десет се подготвени да поминат во двата правци, соопштија од Центарот што го следи спроведувањето на договорот.

Центарот врши инспекции на товарните бродови што минуваат низ Босфорот во двата правци, празни и полни, а тоа го прават по двајца инспектори од Русија, Украина, Турција и Обединетите нации.

OhridNews