Во рамките на своите активности во делот на првата помош Црвен крст Охрид денеска под мотото „ЗНАМ ДА СПАСАМ ЖИВОТ”, ќе го организира традиционалниот, 44-ти по ред, Општински натпревар по прва помош.
На натпреварот, стекнатите знаења и техники за укажување на прва помош ќе ги покажат повеќе од 300 ученици-натпреварувачи од сите основни и средни училишта од Охрид и Дебарца, организирани во екипи во категорија подмладок и категорија младина.
И оваа година на општинскиот натпревар ќе се применуваат критериуми и стандарди кои се спроведуваат при одржување на европските натпревари по прва помош. Во таа насока натпреварувачите, но и посетителите на оваа манифестација на повеќе пунктови низ градот Охрид, почнувајќи од плоштадот Св.Климент Охридски, продолжувајќи по градскиот кеј, до СРЦ „Билјанини Извори”, Ќе бидат сведоци на симулирани-реални случки на несреќи, изведени од членовите на актерските групи од Охрид, како и реалистички приказ на повреди, подготвени од посебно обучени шминкери за ПП на Црвен крст Охрид. За регуларноста и оценувањето на натпреварувачите ќе се грижат 15 лиценцирани судии за прва помош на Црвен крст Охрид.
Присутните граѓани ќе имаат можност да видат и доколку сакаат да научат како правилно се укажува прва помош и да добијат бесплатни совети од инструкторите за прва помош.
OhridNews