Светата православна црква денеска ги одбележува празниците посветени на Светиот пророк Јоил, Светиот маченик Вар и Преподобен Проход Пчињски. Денешниот ден е задушница.
Светиот пророк Јоил
Втор по ред од малите Пророци, Св. Јоил беше син Ватуилов, од коленото Рувимово. Живееше 800 години пред Христа. Му ја пророкуваше бедата на Израилскиот народ и го предвозвести Вавилонското ропство за гревовите што ги направи Израилот пред Господа. Го повикуваше народот на пост и свештениците на покајни плачни молитви за да се смилостиви Бог. „Заповедајте пост, повикувајте кон Господа. Меѓу тремот и олтарот нека плачат свештениците.“ Пророкот Јоил го прорече и слегувањето на Светиот Дух врз апостолите и излевањето на благодатта на Духот Божји врз сите христијани. Го прорече и го опиша Страшниот Суд Божји. Ја прорече и славата на светата Божја Црква.
Светиот маченик Вар
Беше римски офицер во Мисир и притоа потаен христијанин. Кога седуммина хрситијански учители беа фрлени во затвор, Вар ги посетуваше во затворот, ги снабдуваше со потребното, им служеше усрдно. Им се восхитуваше на мачениците и жалеше што и тој од страв не може да стане маченик за Христа. Оние Божји луѓе го охрабрија и Вар реши и самиот да појде со нив на маки. Еден од тие Божји луѓе се упокои во затворот. Кога нечестивиот кнез ги изведе мачениците пред себе и виде дека се шест, запраша каде е седмиот. Вар извика дека самиот е седмиот. Тогаш разјарениот кнез прво го зеде и го мачеше Вар. Нареди и го биеја гол со суви стапови; потоа го приврзаа за едно дрво и со ножеви му сечеа парче по парче од месото, додека не ја предаде светата душа на Господ. Неговот тело го фрлија на ѓубриште. Некоја жена, Клеопатра, родум од Палестина и вдовица на некој офицер, се најде тука со нејзиниот син Јован. Тајно ги зеде моштите на Св. Вар од ѓубриштето и ги погреба во својот стан. Потоа измоли од кнезот дозвола да може да го пренесе од Мисир во Палестина телото на својот упокоен маж. Како на офицерска жена кнезот тоа веднаш ѝ го дозволи. Но блажената христијанка Клеопатра не го пренесе телото на својот маж, туку моштите на Св. маченик Вар. Таа ги однесе овие Свети мошти во своето родно село Едра близу Тавор и таму чесно ги погреба. Потоа на Св. Вар му подигна и храм. Светиот маченик често ѝ се јавуваше од оној свет, светол како ангел Божји.
Преподобен Прохор Пчински
Бидејќи се молеше за тоа, Бог му го покажа местото на неговиот подвиг. Тоа место беше на брегот на реката Пчиња. Свети Прохор се подвизуваше таму до старост и до својата смрт. Само Едниот Бог знае за сите негови подвизи и искушенија што ги претрпе во текот на овој живот. Но според неговите мироточиви мошти и безбројните чудесни исцеленија, коишто и денес не престанаа, може да се суди за големината на Божествената благодат што му ја подари Бог за неговите големи страдања. Свети Прохор се упокои и се пресели во Царството Небесно во 9 век.