Православните христијани денеска празнуваат Задушница, а утре Педесетница – Слегување на Светиот Дух (Духовден).

Празникот Задушница се одбележува во знак на сеќавање на починатите.

На овој ден вообичаено се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за упокоените.

На Задушница верните даваат милостина на сиромашните во име на покојните и се молат за покој на нивните души.

Духовден, пак, го означува слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, или како што го нарекуваат светите отци „Роденденот на Црквата“.

За црквата овој настан има посебно значење затоа што Светиот Дух од тоа време, па се до денес не ја напушта и непрестано слегува врз црквата на литургијата, во молитвите, во сите дела. Тој е оној Дух по кој христијанскиот живот се нарекува духовен.

Педесетница е еден од најсветлитe празници во христијанството и претставува исполнување на старозаветните пророштва. Во Стариот завет луѓето знаеа само за Бог, со раѓањето на Христос го видоа Единородниот Син, а на Педесетницата го запознаа третото лице на Света Троица – Светиот Дух.

OhridNews