Празникот на Христовото вознесение – Спасовден се празнува 40 дена по Велигден и секогаш е во четврток. Четириесет дена по воскреснувањето Исус Христос им се јавувал на своите ученици и ги подготвувал за нивната идна активност. Во овој период луѓето се уште се поздравуваат со “Христос воскресе” и си отпоздравуваат со “Навистина воскресе”.

Во Новиот завет од Светото Писмо поточно во Светото евангелие според Марко опишано е и вознесението Христово: “А по разговорот со нив, Господ се вознесе на небо и седна од десната страна на Бога. Тие, пак, отидоа и проповедаа насекаде; и Господ го окрепуваше словото нивно со чудеса, што се јавуваа. Амин!” Така Исус се вознесол на небото, а неговите ученици се вратиле во Ерусалим каде што го прославувале и благословувале по храмовите.

Во спомен на Христовото вознесение на небото Светата Христијанска црква го востановила празникот Вознесение Христово или Спасовден зошто се празнува денот на Спасителот на Светот- Исус Христос.

Истражувачите на празничните обичаи и верувања истакнуваат дека времето кога се празнува Спасовден отприлика се совпаѓа со времето кога во претхристијанството паганите го празнувале празникот на божеството Спас кое меѓу многуте божества ја имало улогата на заштитник и спасител на луѓето. Се верувало дека врховниот бог Перун од небото испраќал молњи и громови како и градоносни облаци, а божеството Спас со житен клас во раката ги спасувало посевите. Во насока на ваквите верувања е и песната “Свети спас го обиколува полето” во која се пее за ваквата улога на светецот што ги наследил од старото паганско божество.

Свети Спасе зелен класе!
Свети Спасе коња кове,
коња кове за полето,
да си го виде бериќето,
арен ли е, добар ли е,
или си е како што е?
Море мале, стара мале,
есеното са класуе,
пролетното са никнуе,
Љутен ојде, смешен дојде,
Свети Спасе, зелен класе!

На овој ден луѓето ги посетуваат црквите што го носат името “Свети Спас” и даруваат разни подароци. Некои за здравје преспиваат под иконата, а други кога ќе се разболат се ветуваат дека еден период ќе и служат на црквата.

OhridNews