На Велика Среда се одбележуваат три значајни настани: Последното претсмртно помазание на Господа, Заговорот на јудејците за да го убијат и Јудиното предавство на Христа за триесет сребреници.

Христос е помазан со миро во Витанија (Матеј 26,6-13; Марко 14,3-9; Лука 7,37-50; Јован 12,1-8). Според евангелските сведоштва, Господ Исус Христос и апостолите ноќта ја поминале „во Витанија, во куќата на Симона Прокажениот“ (Матеј 26,6). Верниците тогаш се помазуваат со осветеното масло како лек за телесно и за душевно здравје.

По влегувањето на Исус заедно со учениците во Ерусалим во пресрет на празникот Пасха, неговата популарност меѓу народот им пречела на властите и фарисеите и тие барале погодна можност да го фатат Исус и да го казнат. Прилика им се укажала во средата кога еден ученик Исусов по име Јуда Искариотски дошол кај фарисеите и им понудил да го предаде Исус за 30 сребреници. Ова предавство ќе биде вовед во страданијата Христови.

Јуда Го предал Господа за 30 сребреници (Матеј 26,14-16; Марко 14,10-11; Лука 22,1-6; Јован 13,2,27). Во Евангелието е запишано вака: „Тогаш Јуда Искариотски, еден од дванаесетте, отиде кај првосвештениците, за да им Го предаде. А тие, штом чуја, се зарадуваа и ветија да му дадат сребреници. И бараше погодно време, за да го предаде“ (Марко 14,10-11). Јуда отишол кај првосвештениците со намера да им го предаде Господа Исус Христа.

Со богослужението на Велика Среда, завршуваат и великопосните Големи повечерија со поклони, како и читањето катизми на утрените богослужби, на часовите и на вечерните богослужби. Од овој ден до Томина недела не се богослужи Полуноќница (Полноќна богослужба).

На Велика Среда завршува мироварението и свареното миро се собира во 12 алабастрени садови, мои ги симболизираа т 12 апостоли кои ја имале благодатта Божја и добиле од Господа право да крштеваат и да миропомазуваат (во почетокот со полагање рака, а потоа, со свето миро). Преку апостолското преемство од Господа и апостолите, тоа право го примаат и свештенослужителите во Црквата Божја до денес.

Во овие денови се нè сврзува со спомените на нашата гревовност. Постојано мислиме и сочувствуваме со доброволното страдање на Христа за спасение на грешната човечка природа. Сето тоа во срцата на верниците предизвикува тага и плач. Тоа е плачење од созерцанијата – од духовното согледување на ужасните измачувања и крсните страдања на Синот Божји – нашиот Спасител Господ Исус Христос. Но, истовремено, побожните верници чувствуваат и неопислива радост заради своето спасение – заради спасението на човечкиот род, коешто е дарувано од Бога, преку Христовите страдања. Поради сето ова, во овие празнични денови христијаните се исполнуваат со благодарност кон Бога Искупителот.

Со Велика Среда се поврзани повеќе верувања и обичаи. На Велика Среда се подготвува бојата за вапцување. Првите велигденски јајца, три на број, се бојадисуваат пред изгрејсонце на Велики Четврток.

На Велика Среда, навечер, се зачадувала стоката. Начадената стока се верувало е заштитена од болести и разни други несреќи.

OhridNews