Тодорова сабота или Тодорица/Тодорија — православен христијански празник кој се слави во првата сабота од велигденските пости, односно првата сабота по Прочка.
За празникот Тодорова сабота се врзани повеќе верувања и обичаи. Интересен обичај изведувале во Дебарца спроти празникот девојчињата со цел да научат да везат. Тие дома подготвувале ќесиња направени од крпчиња и врз нив само започнувале да везат,а потоа ги полнеле со пепел. Додека биле во црквата вечерта спроти празникот скришум со куклушка од треска ќесето го закачувале за појасот на некоја жена што била позната како добра везачка. Овие жени пак што ќе собереле повеќе вакви ќесиња на враќање ги фрлале во река со благослов „Како што брза водата така и девојчињата да научат да везат“.
На овој ден младите изведувале и повеќе обичаи со кои сакале да дознаат кој е нивниот иден брачен другар.
Вакви обичаи забележал и Марко Цепеков. „Во петок вечер спроти Тодороа сабота, кое девојче сака да си го види кое момче ќе си го земи за маж да је биди -еве како ќе напраи: ќе седни да вечера и првијо залак што ќе го сожвакат, нема да го голтни, ами ќе го изваи од уста и ќе го чува за кога ќе си легни да го клаи под перница. Спиејќи над залаго, ќе и дојди тоа момче што и е наречено за да ја земи. Ако види некое момче што го знае него ќе го земи бездруго, а пак ако води некое непознато, непознатото момче ќе го земи.“
OhridNews