Православните христијани денеска одбележуваат еден од големите црковни празници, Свети Наум Охридски-Чудотворец.

Свети Наум заедно со Свети Климент Охридски се ученици на славните светители Кирил и Методиј. По завршувањето на Моравската мисија тие го продолжиле ширењето на словенската писменост и кутура во областа Кутмичевица на брегот од Охридското Езеро.
Св. Наум најголемиот дел од својот живот го поминал во манастирот на јужниот дел од Охридското Езеро кој сам го изградил.Таму ја развивал својата просветителска дејност. Освен по книжевната работа меѓу народот бил познат и како исцелител и за време на својот живот излечил многу луѓе особено душевно болни. Познат е и како чудотворец бидејки направил и многу чуда, а некои од нив се претставени и на фреските од неговиот манастир како на пример таа на која е претставен како ги впрегнува волот и мечката да ораат заедно.

Свети Наум се упокоил во 910 година. Неговиот гроб се наоѓа во внатрешноста на манастирот. Се верува дека поклонувањето на неговиот гроб  носи здравје, душевен мир и спокој.

По повод овој празник, денеска со почеток во 8:45 часот, во манастирот во Охрид што го носи неговото име ќе  се служи света архиерејска златоустова литургија.

Ohridnews